Sunday, July 1, 2012

Голема македонска мистерија во близина на „Солунска глава“



На планината Јакупица, на половина пат од планинарскиот дом „Караџица“ до врвот „Солунска глава“ се наоѓа „Троживотната карпа“. Оваа карпа создаде многу контроверзни ставови кај оние кои ја виделе, но и кај оние кои само слушнале за неа. Таа претставува феномен поради фактот дека од различни агли дава различна визуелна слика која наликува на три различни животни.
Движејќи се од планинарскиот дом „Караџица“ до популарното „Бегово поле“ ќе наидете на „Троживотната карпа“. На прв поглед не се забележува нејзината невообичаеност, но со движењето, со промена на визуелниот агол таа добива нова форма која наликува на птица (Сокол), потоа, чекорејќи ќе ја забележите втората форма на карпата која наликува на зајак и последно, карпата „станува куче“ (Шарпланинец).
Репортерите на Прајмтајм беа на лице место и поразговараа со луѓе од локалното население, при што ја открија легендата за „Троживотната карпа“. Според легендата, на местото каде што денес се наоѓа карпата некогаш имало куќа во која живеело младо момче кое на три години останало без своите родители. Момчето, бидејќи не можело само да се чува, него го чувале три животни (Сокол, Зајак и Шарпланинец). Соколот бил задолжен за нагледување на поширокиот простор околу куќата и за обезбедување со вода. Тој летал над куќата и носел вода од најблискиот извор, кој се наоѓа на „Бегово поле“. Зајакот растел со детето, тој си играл со него и го чувал од болести, додека пак Шарпланинецот бил одговорен за обезбедување на храна. Момчето, бидејќи се родило со срцева маана, не живеело долго. На свои тринаесет години, додека го палело оганот во дворот тоа починало. Во тој миг куќата и трите животни се претвориле во карпа, која претставувала надгробница на вечното почивалиште на проколнатото момче.
Локалните жители велат дека карпата е свето место, во него се зачувани доблеста, хуманоста и храброста. Тоа е местото кое носи среќа и хармонија.
Дали раскажувањата на локалните жители се точни, тоа ќе остане вечна мистерија, но вие погледнете ги фотографиите и заклучете дали ќе верувате во легендата за „Троживотната“ карпа или пак само ќе се воодушевувате на нејзините форми.

„Сокол“










„Зајак“









Шар планинец

0 comments:

Post a Comment

Коментар?