Friday, November 13, 2015

Пронајдени човечки коски во шума под Галичник

Се претпоставува дека станува збор за мошти на свештеници кои биле ликвидирани во 1918 година од страна на тогашните српски власти. Според преданијата, во тоа време поповите од старата црквата Света Петка, во која на времето имало и училиште, се спротиставиле на намерата на новата власт да спроведе србизација на локалното населени, поради што биле ликвидирани на локација која е тешко достапна. За овој случај на времето било строго забрането да се говори од страна на властите со цел истиот да биде заборавен.
Моштите се откриени благодарени на 93-годишниот Зендел Ахмеди од селото Ростуше. Тој уште како дете, шетајќи се по падините на Бистра, забележал две распаднати тела во мантии и црковни ознаки. Неодамна, старецот одлучил оваа тајна да ја сподели со игуменот на Бигорскиот манастир, архимандрит Партениј.
Тој веднаш пратил монаси да го бараат местото, но не успеале да го најдат, бидејќи минало доста време и природата со своите дејствија ги покрила коските. Игуменот изгубил надеж дека моштите може да бидат пронајдени, сепак, монасите Пајсиј, Амвросиј и Нифонт одлучиле повторно да се обидат да ги пронајдат моштите.
Бигорските монаси тргнале во потрага рано утрото на 5-ти ноември. Прво отишле во Ростуше кај дедо Зендел, кој од својата куќа, којашто се наоѓа на самиот почеток од селото, им го покажал правецот кон пештерата, односно процепот каде што тој некогаш ги видел телата на свештениците. Монасите се упатиле кон местото наречено „Кај поповите“.
Целиот ден го минале барајќи ја пештерата, па дури и се одвоиле за да можат што подобро да бараат низ планината. Пред стемнување отецот Нифонт, губејќи секаква надеж дека ќе ги најдат моштите, здогледал птица на небото како врти над едно место.
Монахот тргнал кон местото и забележал голема карпа, а во неа процеп со мала пештера. Местото било покриено со земја, гранки, камења и лисја, но Нифонт паднал на колена и почнал да копа со раце во земјата. На 20-30 сантиметри длабочина пронашол коска. Продолжил да копа уште подлабоко и почнале да се појавуваат уште коски. Кога видел дека се човечки, почнал да ги вика другите монаси кои стигнале набрзо и се увериле дека станува збор за човечки коски. Потоа брзо се вратиле во манастирот, му кажале на отец Партениј дека го пронашле местото каде што се наоѓаат коските, а тој ја известил полицијата.
Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски за Макфакс потврди дека на 6-ти ноември во полициско одделени Ростуше еден од свештеници на манастирот Свети Јован Бигорски пријавил дека двајца монаси на 5-ти  ноември во попладневните часови на местото наречено „Кај поповите“ пронашле 30 најверојатно човечки коски, ги подигнале, ги ставиле во вреќа и ги однеле во манастирот ставајќи ги во посебна просторија.
Следниот ден, тројцата монаси заедно со професионален тим за увид, составен од двајца полициски специјалци, инспектор по крим-техника, инспектор од крим-полиција и доктор од Маврово, извршиле комплетен увид на самото место при што пронашле стотина коски и други материјали.
„Направена е фотодокументација, а остатоците ќе се вештачат на Судска медицина, со цел да се утврди од кое време потекнуваат“, изјави Јосифоски.
Тој информира дека пределот бил исклучително карпест, а коските биле плитко закопани. Полицијата во разговор со локалното населени добила информации дека станува збор за тројца свештеници кои служеле во мијачкото село Галачник, а биле застрелани од страна на српската жандармерија во 1918 година, бидејќи не сакале да прифатат српска црковна власт.
Сепак, вели Јосифоски, со вештачење прецизно треба да се утврди дали навистина овие коски потекнуваат од тоа време и им припаѓаат на свештениците или, пак, се работи за некоја друга мистерија.
На местото на настанот за време на увидот бил и мавровскиот доктор Соле Шотароски, кој за Макфакс раскажува дека по работите коишто биле пронајдени на местото, како што се синџири, катанчиња и некои други знаци, монасите биле сигурни дека остатоците потекнуваат од свештени лица.  Според процената на докторот, коските се стари најмалку 70 години.
Увидната екипа се одлучила до местото на настанот да не оди од Бигорскиот манастир нагоре, туку со теренски возила да пристигнат до месноста „Требишка рупа“ и оттука да почнат да слегуваат надолу. Теренот бил исклучително тежок за одење, а целата екипа била изложена на опасност од евентуално лизгање по карпестиот предел.
„Поминувавме низ места каде што ниту дива коза не минува. Полицајците во неколку наврати ми укажаа дека теренот е исклучително опасен и дека можеби е подобро јас да се откажам, но ниту еден миг не се поколебав и не почувствува страв. Цврсто верував дека Господ нé штити и дека безбедно ќе ја завршиме работата“, рече Шотароски за Макфакс.
Тој вели дека тргнале во раните утрински часови и дека откако го завршиле увидот веќе ги фатило темнина, по што се спуштиле надолу кон Бигорскиот манастир.
Во наредните денови се очекува монасите да проверат во црковните книги, кои свештеници служувале во Галичник во 1918 година, со цел да бидат откриени имињата на погубените попови
Бигорскиот манастир ќе го истражува овој настан и ќе се обиде целосно да го расветли. Монашкото братство упатува апел до јавноста, доколку некој знае нешто за овој случај да го извести манастирот со цел да се открие историјата и идентитетот на убиените свештеници.

via Kajgana.com
http://kajgana.com/pronajdeni-koski-na-ubieni-sveshtenici-vo-shumata-pod-galichnik

Leia Mais…