Thursday, October 10, 2013

МистеријаМК контакт

Сите приказни, преданија, легенди, случувања можете да ги испратите на misterijamk1@gmail.com

Во најбрз рок истите ќе бидат поставени на блогот.

Бидете слободни, ставајте слики, уредете го вашиот текст по избор. Вистинско име или анонимност, тоа е ваше право. :)



misterijamk1@gmail.com

Leia Mais…

Monday, October 7, 2013

Масоните во Македонија (телеграф.мк)

Излог со шапки, дуќан како и секој друг, влегувате во него, разговарате со мајсторот, го прашувате за цена на моделите што ги изработува и, подновени или не, го напуштате местото. Продолжувате по калдрмата на скопската Стара чаршија, но сепак мал сомнеж ви вели – во дуќанот имаше нешто необично.
Се враќате назад, непријатно ви е повторно да влезете тукутака, па измислувате изговор – сакам уште една шапка. Додека мајсторот одново покажува некој од новите модели, сфаќате дека сомнежите ви се на место. На ѕидот, на таванот, на полиците, покрај качкетите, баретките, шеширите забележувате необични предмети, со уште поневеројатни симболи.
Погледот шара наоколу љубопитно истражувајќи го просторот и полека почнуваат да се забележуваат оклопи од средновековни витези, кои се надвиснале над главите на муштериите. Во рацете држат мечеви, како да чуваат стража за вековни тајни.
(Фото: Тоше Огњанов/Телеграф.мк)
(Фото: Тоше Огњанов/Телеграф.мк)
Веднаш до нив, црвена таписерија со букви од древно писмо, симболи во облик на птици, скали, бројки, човечки коски, мртовечка глава. Во средината и голем крст обвиен со венец од трње. Неизбежна во целата таа сценографија е позлатена рамка, поставена гордо на највидното место во дуќанот, а во неа пентаграм, опкружен со непознати знаци.
- За тоа да го разбереш, треба со месеци да ти раскажувам. Тоа се кодови на кои само малкумина знаат да им ги прочитаат мислата и пораката – вели мајсторот, кој веќе насетил зошто неговиот старо-нов муштерија се врати во дуќанот.
Наместо да го прекине разговорот, тој веднаш додава: Кодови се тоа, на масоните. Како да не е доволен и тој одговор, па вади бизнис-картичка, а на неа стои: Големиот мајстор, Македонски масонски храм.
Веќе станува јасно за што се работи, дека шапкарот не е само моден креатор, туку и член на некоја масонска ложа.
(Фото: Тоше Огњанов/Телеграф.мк)
Шапкарот не е само моден креатор (Фото: Тоше Огњанов/Телеграф.мк)
Невообичаено, Мајсторот го продолжува разговорот, кој полека се претвора во раскажување за историјата, развојот, тајните, улогата на масонството во Македонија. Не заборава да нагласи и дека во тајната хиерархија тој се наоѓа на висока позиција.
- Ова е најстарото масонско здружение, односно братство на Балканот. Ниепостоиме од 1337 година, а први негови членови се мијачките мајстори. До 2007 година беше скриено, пред да бидеме разоткриени. Најчесто нè нарекуваат Светите старци, а некој нè вика Светогорско братство. Јас сум најмлад од таа групација – вели Мајсторот отворено иако првпат го гледа соговорникот пред себе.
Вели дека братството чиј член е тој е најекстремно и исклучиво православно христијанско.
- По правило, кај нас знакот е православие или смрт. Се примаат исклучиво православни христијани, а нема ниту жени во нашите редови – истакнува Мајсторот и додава дека некои од нив и никогаш не се женат, а сепак имаат деца, но со непознати жени.
Вели дека својата „обука“ ја поминал на Света Гора, во Зографскиот манастир, каде што поминал 14 години. Покажува и диплома, на која јасно стои неговото лично име, Илија Трајковски, со која ја добил титулата Голем мајстор.
Вели дека има повеќе такви дипломи. Според него, само тој и уште двајца во светот знаат да ги толкуваат и да им ја разберат смислата на пораките што се испраќаат со таканаречената сигма, кодирана масонска мисла.
Преку овој крст, преку овие букви се прават атентати. По тие кодови се разбира кој треба да биде отстранет – вели Мајсторот покажувајќи кон комбинацијата од црни симболи поставени врз црвена основа.
(Фото: Тоше Огњанов/Телеграф.мк)
Мајсторот: Овие кодови само малкумина ги разбираат (Фото: Тоше Огњанов/Телеграф.мк)
Додава дека во хиерархијата на македонскиот масонски храм Големиот мајстор стои најгоре и не заборава да спомене дека го достигнал таканареченото 32-то ниво.
- Моментално во Македонија има само 32. степен. Најголемиот е 33. ниво, но таков во светот има само еден, а тој е во Тибет – додава Мајсторот.
Разговорот продолжува и набргу открива дека во Македонија има околу 200 масони, од кои само четворица се во врвот на хиерархијата. Другите, пак, истакнува дека се слободни масони. Не помина многу време, па почна да споменува и имиња од нашиот бизнис-сектор.
Нашето братство беше скриено сè до 2007 година. Тогаш за нас проговори Живко Груевски, некогашниот газда на „Јукан“. Тој не е масон. Треба човек да разликува што е масон, а што е слободен масон. Тој е во другата група – тврди Мајсторот и го споменува и бизнисменот Трифун Костовски, за кого исто така додава дека е слободен масон.
(Фото: Тоше Огњанов/Телеграф.мк)
Диплома за Голем мајстор (Фото: Тоше Огњанов/Телеграф.мк)

Никако да се поврзе крај со крај на информациите што ги кажува. Скока од тема на тема и во еден миг се префрла на проектот „Скопје 2014“. Според него, и самите споменици кријат масонски кодови.
- Ајде малку размислете зошто се вика мостот „Око“, а не поинаку – истакнува Мајсторот.
(Фото: Телеграф.мк)
Според Мајсторот, триаголнестиот изглед на фонтаната отсликува масонски симбол (Фото: Телеграф.мк)
Откако си кажа какви „фаци“ во државата се неговите компањони од братството, проговори и за местото и за времето кога ги договараат „круцијалните“ државнички одлуки. Вели дека се сретнуваат исклучиво во петок навечер и средбите им траат долго во ноќта, речиси до утрото.
Се состануваат скришно во објект во скопската Стара чаршија. Иако отпрвин не сака да каже за кој простор се работи, веројатно во доверба, ја открива куќата каде што, наводно, се сретнуваат.
(Фото: Телеграф.мк)
Во куќата со распадната фасада и тараби, наводно, има тајни средби (Фото: Телеграф.мк)
Излегуваме од дуќанот и не одиме далеку. Патувањето до објектот е само три чекори, до куќа која е буквално залепена до неговата шапкарска работилница, на крајот од златарската уличка во чаршијата.
Возбудата од тоа дека ќе видиме тајно масонско скривалиште веднаш спласнува.Фасадата од куќата е распадната, тарабите се спуштени над излозите, прозорците затемнети и покриени со пајажина. На тоа што треба да биде врата поставен е катанец, кој почнал и да кородира од стоење. Над тарабите поставена е и табла, која чиниш во секој момент ќе падне. На неа со избледени букви пишува„Шивачка за женска облека – Веса“.
Ништо не укажува дека таму се одвиваат некакви таинствени средби, а уште помалку дека во таа „дупка“ се кројат државнички планови. Но, колку и да не е за верување, Мајсторот е упорен и тврди дека распаднатата фасада е само маска и дека вистинскиот влез е од страната на Безистенот, кој е во близина.
Според него, вистинските простории се под земја и таму никој нема право да влезе освен членовите на братството. Тврди и дека локацијата е посебно обележана, па покажува кон шахтите на калдрмата. Нагласува дека тие се поставени според кодови што само малкумина ги препознаваат и од почит дури и не гази врз нив. Покажува и кон фасадата од соседниот дуќан, златарница, а таму, пак, одвај забележливо се внесени релјефни стрелки кои упатуваат токму кон наводното тајно собиралиште.
(Фото: Тоше Огњанов/Телеграф.мк)
Старата скопска чаршија крие во себе бројни приказни и тајни (Фото: Тоше Огњанов/Телеграф.мк)
Го врти погледот и кон кубињата од џамиите, тврдејќи дека гледано од воздух, ако се повлече линија според нивниот распоред, таа ќе ве доведе повторно кај куќата со стара фасада.
Но, токму во мигот кога разговорот почна да заличува на ново сценарио за „Кодот на Да Винчи“, се појави муштерија кој се наведна кон Мајсторот и набрзина размени неколку збора со него. Јасно беше дека раскажувањето тука ќе престане.Мајсторот, во духот на неговата мистичност, пријателски подаде рака и ѝ се врати на својата шапкарска работа.
Средбата заврши како што и почна – неочекувано и мистично. Веројатно и некој друг мајстор, кујунџија, лимар, чантар или бербер, во себе носи интересна приказна, која чека на ист начин да биде раскажана. На читателите им останува да оценат дали ќе веруваат во неа или само ќе ја видат како уште една приказна за тајните на скопската Стара чаршија.

извор: www.telegraf.mk

Leia Mais…