Monday, July 25, 2011

Војните на Двете Рози поврзани со Скопското Кале (Не претставува мистерија)

Војните на розите траеле од 1455. до 1485. г Почнале за време на владеењето на Хенри Шести (1421-1471) од династијата Ланкастер, во чиј грб имало црвена, против кого се кренал Ричард од Јорк, чие семејство во својот грб имало бела роза.
Станува збор за испрекинувана граѓанска војна што се водела околу англискиот престол. Двете куќи биле ограноци на кралската куќа Плантагенет, влечејќи го своето потекло од англискиот крал Едвард Трети.
Називот „Војни на двете рози“ влегол во општа употреба во текот на 16. век, врз основа на сцена од Шекспировата драма „Хенрик Четврти“, каде што спротивставените страни во драмата избираат рози со различна боја.
Во книгата „Иссторија на Англија“ од Мортон меѓу другото се вели дека:
„Во 1455. почнала Војната на двете рози, со победата на војводата од Јорк над кралската странка кај Сент Албас. Војната што избила не била феудална според својот карактер, што значи дека не ја воделе барони со желба да ги прошират своите имоти и да станат независни од централната власт, туку две ривалски групи на благородници се бореле со цел да освојат контрола над државниот апарат. Оттаму и главната причина за нејзината суровост“.
Во феудалната војна една од главните цели била заробување на противникот и држење до откупот, а биле убивани само оние што биле премногу сиромашни да платат.
Војните на двете рози биле војни на уништување. По секоја победа следел масовен колеж на победените и конфискација на нивните имоти во корист на круната. Затоа тие имале толку тешки последици за учесниците, но на земјата како на целина не и нанесувале значителни штети.
Бројот на учесниците обично бил ограничен, а масите на народот биле воопшто мошне малку заинтерсирани за нивниот резултат.
Многумина историчари го сметаат доаѓањето на Хенрик Седми за крај на Војните на двете рози, а некои, пак, дека тие се завршени со битката кај Стоук, во 1487. година, во која тој го поразил Ламберт Симнал, самонареченеиот претендент на англискиот престол.
Крајот на Војните на двете рози довел до конечен и неповратен пад на династијата Плантагенет од историската англиска сцена и до инаугурација на новата династија Тудор, која династички ќе го обележи наредниот период.
Според својата форма, тие биле борби помеѓу ривалски групи на благородници, иако мотивите тешко можат да се објаснат. Ланкастерите ги помагале дивите благородници од шкотските и велшките погранични области, најназадниот и најфеудалниот елемент кој живеел во земјата. Јоркистите најмногу помош добиле од прогресивниот Југ, иако оваа поддршка не била особено активна. Конечната победа на Јоркистите поради тоа претставува победа на економски најнапредните покраини.
Војните имале катастрофални последици за тогаш веќе ослабеното влијание на Англија во Франција, зашто територијалните загуби довеле до тоа во англиска власт да остане уште само градот Кале со околината, исклучиво благодарение на фактот дека во него живееле само Англичани. Тие го навестија крајот на средновековниот период во Англија и почетокот на Новиот век и ренесансата.

Leia Mais…

Смрта на Пере Тошев (Додадена Биографија)

Биографијата на оваа знаменита личност од македонската историја е куса, но со многу светлина и дејанија за паметење: револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација, подоцна со своите принципи близок на Народната федеративна партија. Учител, војвода, учесник во Илинденското востание. Бил еден од најблиските соработници на Ѓорче Петров и Гоце Делчев.
Пере Тошев- Лефтер е роден во 1865. година во Прилеп, а бил убиен на 4. мај 1912. година во с. Фари- Тиквешко. Се школувал во родниот град, потоа во Битола, Солун и Пловдив. Работел како учител во Прилеп (1892- 1901), потоа во Скопје, Битола и во Солун. Во Солунскиот округ бил иучилиштен инспектор.
Околу 1889. година тој му пишал писмо на Ѓорче Петров со предлог заедно да формираат организација за ослободување. Подоцна како професор во битолската гимназија го формирал првиот револуционерен округ во кој најблизок соработник и другар му бил Петров.
Од 1894. година бил член на Македонската револуционерна организација (МРО), а член на ЦК на ТМОРО станал од 1898. година.
По Солунската афера, која се случила во 1901., Тошев заедно со целиот состав на ЦК бил уапсен, осуден и заточен во Бодрум-Кале, Мала Азија. Следната година (1902.) бил амнестиран, се вратил во Солун, оттаму ов Битола и Прилеп, каде што живеел полулегално.
Иако не се согласувал со решението за недоволно подготвеното востание, Тошев зел активно учество во Илинденското востание. Дејствувал во прилепскиот крај, кај Мариово. Потоа присуствувал на Прилепскиот конгрес (1904), при што дошол до израз неговиот бунтовнички дух. На неговите ставови за пропагандите од соседните држави не можел да му се спротивстави ниту влијателниот Даме Груев.
На Рилскиот конгрес (1905) поднесол Правилник за работата на ТМОРО, застанал на страната на реформското крило на Организацијата и бил повторно избран за член на Централниот комитет.
Потоа заедно со Јане Сандански учествувал во работата на Серскиот конгрес (1906.), а по убиствата на Борис Сарафов и Иван Гарванов во 1907. година бил прогонуван од страна на бугарската полиција во Софија.
По Младотурската револуција станал егзархиски училиштен инспектор во Солунскиот округ (1910-1911). Пред Првата балканска војна се разболел, па скришно се лекувал во Софија, но по закрепнувањето решил да се врати во Македонија.
На пат за Прилеп, на 4. мај 1912. година, бил предаден и следен од аскерот,  попаднал во турска заседа и бил убиен во Дреновската клисура.
Пере Тошев е погребан во дворот на црквата во с. Фари, Тиквешко.
Датумот на неговата смрт се совпаѓа со датумот на убиството на еден од најголемите македонски револуционери- Гоце Делчев.

Leia Mais…