Monday, February 20, 2012

КУЌА НА ДУХОВИ ИЛИ СЕПАК НЕ ?


Пред неколку часа ја посетив куќата на духовите како шо ја знаат некои.. Куќата се наоѓа во близина на црн мост во Битола..
Пред неколку месеци, влегов таму за првпат и баш не знаев дека за таа куќа некој мисли ( знај) дека има духови или така нешто…. Прв пат кога влегов, бев со еден другар и баш на влегувањето во дворот почуствував нешто ладно по телото, иако беше топло времето, на почеток не обврнав внимание но после прошетката низ дворот и на влезот од куќата почна ладнината да се осеќа се појке и појке..
Ко излеговме на улица, надвор од дворот, почна темпретаурта на телото да ми се враќа полека и полека..
Тогаш другарми ми кажа дека во куќата седешавало нешто ептен матно..
Приказни за куќата има неколку од кои една од најинтересните е таа дека во куќата живееле маж и жена.. Имале голема љубов и така решиле да прават свадба.. Ден после свадбата неочекувано  невестата починала. Мажот  продолжил да живее  и уште некое време но кај него се појавиле некои  ментални проблеми и  бил однесен во  ментална болница… После некое време куќата ја продадоле на некој друг трговец..
Но и тој не живеел долго во куќата иако до тогаш бил сосема здрав , кај него започнувале да се појавувата некои здрствени проблеми за на крај да биде однесен и тој во ментална болница.. Од тогаш куќата стои празна..
Другата верзија е дека во куќата живеела еврејска фамилија и куќата била напуштена за време на втората светска војна . Не се знае дали луѓето шо живееле во куќата се принудно однесени во некој логор или самите ја имаат напуштено куќата и Битола со цел да се спасат од Нацистите..
Според зборовите на многу луѓе со кои имам разговарано во куќата биле пронајдени голем број на слики од мали чупиња. Интересното било тоа што на некои од тие слики очите на децата биле потполно бели…
Исто така било пронајдена свадбена слика но и таму очите на невестата биле бели.. Јас лично немам видено ниту една слика таква зашто денес кога бев куќата беше целосно исчистена, значи внатре немаше никаков инвентар и никакви слики.. Единстевно на подот имаше искрешено стакло и стари опаковки од плочи и 45-ки. Инсталацијата од ѕидовите беше целата искорната и целиот инвентар беше најверојатно украден. Сега куќата е дувло на наркомани и бездомници…
Додека бев во куќата не видов ниту еден дух, можи уште спиеа или беа на работа :) ама сепак се деси нешто необично. Кога влеговме внатре мобилниот почна да ми ѕвони иако немаше никаков повик. Ова се деси 2 пати.. Беше прилично чудно.. Сега дали ова има врска со духови или е време да си го сменам мобилниот пошо е крнтија , преценете сами….
За разлика од првиот пат кога успеав да ја прошетам целата куќа и да отидам на тератса за да ја поздравам гоцевата раса, овој пат за жал не можев да го сторам тоа. Подот на вториот кат беше тотално прокиснат и уништен, најверојатно од снегот, и за жал не успеав да донесам некоја слика од погледот шо го има од куќата… А има стварно добар поглед.
Ја напуштивме куќата живи и здрави и тргнавме во потрага по нова куќа со друхови.. ако воопшто најдиме таква..

Leia Mais…

Saturday, February 18, 2012

Баба Рога и нејзините „митолошки колеги“


Дознајте нешто повеќе за неколку митолошки суштества кои додека бевме деца ни влеваа страв во коски…

Внимавајте иде Баба Рога!

Се сеќавате ли на Баба Рога? Многумина од нас штом го слушнеа ова име стануваа најпослушните деца на светот, ги празнеа чиниите и веднаш заминуваа на спиење. Според митолошките преданија, таа е страшна вештерка која живее во шума. Нејзината куќа е оградена со коски и черепи од деца, кои откако ќе ги намами во својот дом, ги вари во голем котел и ги јаде.
Покрај во нашата земја, Баба Рога е синоним за детски страв и во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Русија, Украина, Бугарија, Полска, Чешка, Словачка и Словенија. Позната е уште и како Баба Јага, односно Јага Баба.Баба Рога и нејзините „митолошки колеги“Во руските приказни, Баба Рога (Баба Јага) е грда и стара жена која живее во куќа што се движи на кокошкини нозе. Клучалката на вратата има остри заби и не може да се отвори ако не ги знаете магичните зборови. Нивната Баба Рога не лета не метла, туку на нејзиниот бастун.
Во сказните „Василица Прекрасна“ на рускиот ислустратор и сценограф Иван Јаковлевич Билибин, оваа страшна баба има невидливи слуги за кои никој не смее да ја праша. Според делата на Билибин, нејзината куќа ја влечат тројца јавачи. Едниот јава на бел коњ и го означува денот, другиот на црвен и го сибмолизира Сонцето и третиот е на црн коњ и царува со ноќта.
„Баба Рога“ на Александар Пушкин во поемата „Руслан и Људмила“ е штрбава старица, која исто така, живее во куќа на нозе од кокошка. Но, нејзинииот дом е без врати и без прозорци.
Полските деца пак, Баба Рога ја знаат како вештерка која живее во куќа со само само една нога од кокошка. Таа лета на метла и е облечена во полска народна носија (црвено-црна). Во нивните приказни има повеќе Баба Роги. Така ги нарекуваат и страшните вештерки кои живеат во куќички од колачиња.
Погледнете и една куса анимација за оваа хорор баба:

А, сте слушнале ли за Караконџула?

Караконџула е женски демон кој живее во македонските, српските и бугарските приказни. И таа е со лик на старицa, носи бастун, има долги нокти, рогови, железни заби и продорни светли очи. Ова митолошко суштество лута доцна во ноќта за време на т.н. некрстени денови, често стои пред вратите и таму ја чека нејзината жртва. Таа може да се јави и во облик на многу слаба и висока жена или пак, да се трансформира во мало девојче.
Кога петелот ќе го означи почетокот на новиот ден, Караконџулата се повлекува во нејзиното дувло. Што значи не чекајте да падне мрак, па да си одите дома, приберете се со време :-)Баба Рога и нејзините „митолошки колеги“

Итрите самовили ќе ви ги земат очите?!

Самовилите се убави, но злобни девојки, кои уживаат во музика и постојано играат оро. Имаат златни долги коси и крилја. Тие поседуваат неверојатна моќ да го заведат и маѓепсаат човекот. Живеат високо на планините, покрај извори на вода и во раскошни дворци на облаците.
Според јужнословенската митологија, самовилите се раѓаат од росата на некое цвеќе, во моментот кога се појавува виножито. Можат да заземат најразлични форми, да се преобразат во лебед, сокол, волк и во други животни, и имаат неверојатна способност за пророкување. Ако побараат нешто од вас, а вие не го исполните, ќе ви ги земат очите. Нивната моќ лежи во косите и во кријлата. Ако некој им ги отсече, тие се претвораат во обични жени. Ако пак, им ја украдете облеката, самовилите ви се потчинуват.Баба Рога и нејзините „митолошки колеги“Интересно е тоа што во некои записи се сретнуваат и мажи-самовили. Тие се синови на самовилите и имаат неверојатна мажествена моќ. Ова секако, се само мал дел од податоците за овие суштества од митологијата. За нив, повеќе можете да прочитате во делата на Марко Цепенков.

Таму е дувлото на неуништливата ламја

Ламјата најчесто има кучешка глава со големи остри заби и нокти. Таа се движи на четири нозе и има опашка која завршува во облик на рог. Телото на ламјата е покриено со големи лушпи, слично како кај рибите. Овие митолошки суштества живеат во пештери и во длабоки дупки, каде чуваат големи богатства. Во некои записи, тие се претставени и како чувари на водите и на изворите.
И ламјата има моќ да се трансформира. Таа може да заземе форма на човек, на орел или на змија. Нејзината појава се врзува со силните ветрови и со грмотевиците. Тие имаат силно развиен осет за мирис и се хранат со човечко месо. Ламјата е еден вид противтежа на змејот. Кога ќе се сретнат овие две митолошки суштества, тие веднаш влегуваат во борба, заради која се јавуваат грмотевиците и светкавите молњи на небото.Баба Рога и нејзините „митолошки колеги“Сме гледале и слушале многу приказни за нив, со храбри и сиромашни јунаци, кои за да дојдат до срцето на богатите цареви ќерки, мораат да се соочат со овие опасни и неуништливи ѕверови…
Па, заради кое од овие суштества и вие бевте послушни деца? :-)

Leia Mais…

Monday, February 13, 2012

Дедо Јаковата Чешма (Легенда)

Поради големиот интерес кај голем број од читателите за легендите, еве уште една мошне интересна легенда за чешмата на Дедо Јаков
Овој настан се смета дека се случил некаде околу 1875 година. Во ова време живеел дедото Јако во селото Калањево – неготинско. Тој имал четири сина како што народот ги нарекувал – челад во тајфата, радост во куќата. Главно се прехранувал од неколку нивички кои ги обработувал со синовите. Имале и неколку овци. Па така го тркалале некако животот, крпен-трпен.
.Се било во ред се додека во селото не навлегле арамиски дружини од Арнаути, Турци кои крстосувале низ блиските планини.

Еден од синовите, Фило, бил убаво и стројно момче. Тој најмногу се грижел за овците и често го пасел своето стадо кај местото наречено Габер – Кејна и Вешеглав. Еден ден нему му се смачило па решил да се затскрие под некои сенки и да се одмори убаво. Зел да руча и веднаш потоа отишол до блискиот извор да се напие вода. Токму во тој момент дошле арамии вооружени со пушки и пукале во него. Фило бил смртно погоден и се струполил покрај изворот.
Стадото со неговите овци го растерале по ридот и небаре в земја пропаднале,ниедна не останала Еден селанец кој жнеел спроти ридот, со слушнал пукањето. Видел како каделка чад се дигнала од куршумите некаде кај месноста Габер-Кајна. Не го трпела кожа. Се искачил на ридот да види што се случило. Ги видел арамиите како забрзано преку ридот го префрлуваат стадото. Фило го немало со нив. Се присетил дека не ќе било на арно и дека овчарот го имаат убиено. Дотрчал во селото абер да стори, да им јави на селаните што видел. Се им раскажал што видел, како било и што било. Веднаш неколку мина вредни мажи зеле два вола и ги прегнале во дрвената кола. Се упатиле кон местото каде секогаш Фило ги пасел своите овци. Го пронашле убиен крај изворот. А нешто понастрана од него и кучето убиено. Искршиле гранки од дабјето и го покриле трупот, го качиле на воловската кола и молчејќи тажни се вратиле во селото. Како што доближувале дома, така посилно се слушале тажачки. Неговата мајка со силен глас плачела и редела – Фило чедо , фиданка откината, кој ќе ни тера милно стадо, кој ќе ни паси руди јагниња.
Сите во селото го исплакале, го истажиле како што било редот и обичајот. Дедото Јако никако не можел да го преболи синот. Тој живеел уште многу години потоа ама срцето му се гламјосало од жал за син му. Од тој ден, не видел бело видело. Решил да изгради чешма во спомен на Фило, крај селскиот пат. И ден денес постои чешмата и е наречена Дедо – Јаковата чешма.

Leia Mais…

Легендите за Александар Македонски


Александар Македонски рекол:
Водачот пред битката треба да мисли како да победи, а не за последиците од поразот.
Јас претпочитам кратко да горам, отколку долго да чадам.
Славата не се постигнува со туѓи раце.
Во политиката нема вистина, има само насоки како да се постигне целта.
Успехот претставува најголема убедувачка сила.

Постојат голем број на легенди за славата, борбеноста на нашиот историски херој, двигател на светот. Па дури и светски познатиот средновековен морепловец и патеписец Марко Поло запишал неколку. Тој е роден некаде околу 1254 година во Венеција. Неговиот татко и чичко биле познати трговци. Поради својата трговија, во 1260 година тие тргнале на пат од Узбекистан за Кина, од каде се вратиле по девет години. По две години со себе го зеле и Марко Поло и повторно тргнале за Кина. Минале низ многу азиски земји. Тие биле првите Европејци за кои се знае дека ги посетиле пустината Гоби и висорамнината Памир. Марко Поло се сретнал со Кублај-кан и се вработил во неговата администрација. Три години бил управник на еден кинески град, а татко му и чичко му, исто така, работеле во служба на Кублај-кан. Тројцата останале во Кина до 1292 година, по што заминале за Иран. Претходно ги посетиле Суматра и Индија. Во Венеција се вратиле во 1295 година. Во 1298 година Марко Поло бил затворен поради учество во војната меѓу Венеција и Џенова. Во затворот тој им го раскажал на затворениците целото свое патешествие. Следната година го ослободиле и се вратил во Венеција. Неговите записи се објавени во 1300 година во делото "Патувањата на Марко Поло" и тие се сметаат за најпознатите патеписи во историјата. Прв пат средновековните Европејци се сретнале со подетални записи за животот во Кина и во другите далечни азиски земји. Се смета дека таа книга предизвикала интерес и кај Кристифор Колумбо да ги преземе своите патувања. Марко Поло починал во 1324 година. Каква е поврзаноста на Марко Поло со Македонија и со Македонците?
Најнапред да кажеме дека тој поминал непосредно покрај македонскиот брег во Егејското Море пред да се врати во Венеција во 1295 година. Претходно тука поминале и татко му и чичко му Николо и Мафео Поло, во 1260 година. Но, тоа не е сè.
За време на своето патување Марко Поло запишал четири легенди за Александар Македонски и ги објавил во 1300 година.
Првата легенда "Осаменото дрво" била запишана некаде во северниот дел на Иран. Таму на Марко Поло му било кажано дека во тие земји постоело едно осамено дрво среде огромна пустина. Наводно тоа дрво изникнало на местото на големата битка меѓу Александар Македонски и персискиот цар Дарие. Поло запишал дека тоа дрво било со огромна големина и дека од едната страна имало зелени лисја, а од другата бели. Она што е многу интересно е фактот дека на најстарата зачувана претстава на битката кај Ис (мозаикот од Помпеј од 80 год. пред Христа) навистина во позадината се гледа едно осамено дрво.
Втората легенда за Александар Македонски, која Марко Поло ја запишал во Азија, носи наслов "Наследникот на Александар". Според оваа легенда, Александар се оженил за ќерката на Дарие некаде на територијата на денешен Авганистан. Од тој брак тие добиле деца, кои пораснале, се омажиле и се ожениле и така нивното потомство стигнало сè до 18 век т.е. до посетата на Марко Поло на тие краеви. Тој запишал дека пристигнал во земјата Бадакшан, чии владетели себеси се сметале за директни потомци на Александар и на неговата персиска невеста. Во чест на својот наводен предок, тие ја носеле титулата "Зулкарнијан" (тоа претставува исламско описно име за Александар Македонски, под кое се смета дека тој е спомнат во Кур'анот).
Според третата легенда со наслов "Последниот еднорог", познатиот коњ на Александар - Букефал, наводно до четиринаесеттата година од животот бил еднорог. Во претходно спомнатата земја Бадакшан, имало стадо еднорози, кои потекнувале од Букефал. Ова стадо било во сопственост на некој богат член на кралското семејство. Кралот посакал да добие макар и еден еднорог од тоа крдо, но богаташот го одбил. Поради тоа, кралот наредил да го убијат. За да му се одмазди на кралот, жената на богаташот им наредила на своите слуги да ги убијат сите еднорози. Така била прекината лозата на Букефал.
Четвртата легенда за Александар Македонски која ја запишал Марко Поло носи наслов "Александровата преграда". Оваа легенда се однесува за еден настан кој наводно се одиграл на територијата на денешна Грузија. Според легендата, во оваа земја било запрено напредувањето на Александар, затоа што пред него се појавил опасен теснец. Од едната страна се наоѓало морето, а од другата имало непреодни планини со густи шуми пред нив. Овде Александар решил да изгради преграда во теснецот меѓу двете планини.
На тој начин ги спречил племињата кои го напаѓале и ги отсекол од цивилизираниот свет. Таа преграда го добила името "Железна порта". Интересно е тоа што подоцна многумина се обидувале да ја пронајдат таа "Железна порта". Така, на пример, некои средновековни арапски географи сметале дека оваа преграда всушност е Кинескиот ѕид, а други, пак, сметале дека се наоѓала во Дагестан.

Leia Mais…

Tuesday, February 7, 2012

Промени

1. Го променивме стилот на по едноставен и по читлив...
2. Овозможена опција за гласање на постови
3. Овозможена опција за споделување на постови преку фејсбук, твитер и други...
4. Овозможено коментирање од секој посетител (Може и анонимност)
5. Чет

Leia Mais…