Saturday, December 17, 2011

Позлатената мермерна глава во Стоби

Позлатена мермерна глава, Стоби
Позлатена мермерна глава пронајдоа археолозите истражувајќи го Римскиот форум, кој во минатото служел како плоштад на античкиот град Стоби, кај Градско. Главата е пронајдена падната покрај една од засведените ниши на објектот. Иако е во неколку дела, може целосно да се реконструира.- Пронајдокот е единствен во поширокиот регион. Тоа зборува колкав бил подемот на Рим на овие простори и колкаво значење имал овој град во тоа време.

Според првичните податоци, археолозите може само да потврдат дека скулптурата била изработена во 2 в, од бел, ситнозрнест мермер. Ликот и косата се прецизно изделкани и измазнети. Делови од образот, усните и носот се црни, веројатно од пожарот во античко време, што бил предизвикан кога била скршена скулптурата. Тогаш веројатно изгорел целиот Форум. 

Бидејќи засега не се пронајдени други елементи од скулптурата, археолозите немаат атрибути според кои би можеле да оценат кому му била посветена. Откако била изработена, била премачкана со црвена боја и целата била облепена со тенки листови од злато. Ако загледате повнимателно, ќе ги видите убаво нацртаните веѓи. Истражувачите очекуваат во земјата да пронајдат уште делови од скулптурата, бидејќи се' уште не е детаљно истражен просторот од каде што излегла глава.

Плодната почва во Римскиот форум деновиве дала уште два ексклузивни предмета, пронајдени независно од главата - позлатена мермерна рака, која држи нешто во дланката и позлатен мермерен кантарос (чаша со две рачки од која се пиело вино). Истражувајќи го објектот, археолозите пронајдоа големи камени плочи наредени на подот, на нив биле поставени греди на кои се потпирал внатрешниот трем на Форумот. Така, граѓаните можеле да шетаат и во засведен дел од објектот, на чии ѕидови имало ниши украсени со скулптури. Форумот е еден од најрепрезентативните и најдобро зачувани објекти од римскиот период во регионот. Истражувањата траат веќе три години и досега покажаа дека Форумот, градба од 2-3 в, имал монументален отворен влез, составен од три столба високи 7 метри, на врвот споени со аркади. Форумот бил широк 23 м, долг 35 м. Ѕидовите на објектот се зачувани до 5,5 м. во височина. Според археолозите, изградбата на Форумот веројатно почнала кон крајот на 1 в, кога градот доживеал голем економски подем. Кон крајот на 3 в. заедно со другите објекти во градот бил опожарен, а скулптурите насилно искршени. Археолошки, уништувањето на објектот се врзува со наездата на Готите во 268 и во 269 г. Потоа објектот бил напуштен, а кон крајот на 4 в. врз него бил подигнат внатрешниот градски бедем. 

0 comments:

Post a Comment

Коментар?