Saturday, December 17, 2011

Пештерни Цркви во Македонија

Пештерни цркви во Македонија

Пештерните цркви, кои се јавуваат во 9. век или порано, а чии живописи се главно датирани во 13. и 14. век, се тесно поврзани со христијанското учење - исихазм. Тоа дава печат и на целокупниот некогашен живот во Македонија. Тука, во разни пештери, се појавиле многу пустинаци кои се занимавале со мистика, чудотворство и пророкување. Особено околу Охридското Езеро, Тиквешко езеро, реката  Бабуна, Кумановко - Кратовски крај ,  никнувале црквички - пештери во кои живееле и дејствувале исихастите.

Да споменеме неколку од нив: новооткриената пештерна црква Св. Никола кај кампот Љубаништа, стотина метри северно од с. Трпејца, на една карпа се наоѓа фреска со ликот на Св. Никола; во туристичкиот камп Градиште во карпа се наоѓаат остатоци од монашко живеалиште; стотина метри северно од него се наоѓа пештерната црква Богородица Пештанска; над синдикалното одморалиште “Орце Николов” се наоѓа пештерната црква Св. Стефан;

само стотина метри западно од оваа црква се гледаат во една карпа остатоци од живопис; пештерната црква посветена на Воведение Богородичино, во карпите под црквата Св. Јован Богослов - Канео во Охрид, на плажата Лабино во една мала пештера каде што извира извор, се наоѓаат остатоци од живопис; северно од неа,на околу двесте метри, во една длабнатина, луѓето одвреме навреме палат свеќи и според искажувањето на постарите рибари од Канео, кога ќе оделе на риболов велеле дека одат да ги фрлат мрежите кај Св. Спас; на почетокот на плажата Грашница има поголема пештера, до неодамна со остатоци од живопис; западно од Охрид, на околу два километри се наоѓа пештерната црква Св. Еразмо; само стотина метри на запад од неа се наоѓа едно монашко живеалиште во внатрешноста со исцртан крст; пештерната црква Успение на Богородица во Калишта; на стотина метри јужно од неа се наоѓа пештерната црква Св. Атанасие; потоа Св. Архангел Михаил кај с. Радожда и др.

0 comments:

Post a Comment

Коментар?