Monday, December 12, 2011

Дупката на ужасот на Кајмакчалан [Fixed]


На височините каде што царуваат орлите, земјата има посебно значење и за многумина е света. Оградата на црквата "Свети Петар" обвиткана е со бодликава жица и наместо столбови стојат испукани авионски бомби. Веднаш до нив дупката во која без ред лежат стотици черепи и коски на незнајни војници го дава одговорот на ужасот што се случил пред еден век и потсетуваат дека ако има пекол тој во 1918 година бил тука на Кајмакчалан.
Швајцарецот Ричард Арчибалд Рајс по професија бил воен разузнувач, но работел и како новинар кој известувал за познати светски весници и новински агенции. За време на неговите патешествија низ Македонија додека беснеела Големата војна, тој водел дневник и пишувал писма кои се собрани и документирани и претставуваат значајно сведоштво за настаните кои се случиле на линијата на Солунскиот фронт. Неговиот дневник беше причина да се нафатам на предизвикот да го искачам Ниџе сe до врвот Кајмакчалан на висина од 2.522 метри и да ја запознаам оваа Кајмак Планина. Во дневникот прочитав дека врвот во својата утроба чува илјадници коски на незнајни војници кои заедно со мртвите од останатите бојни полиња низ светот ја создадоа светската кланица во која загинаа над 15 милиони луѓе.
Во дневникот на 26 септември 1916 доктор Рајс запишал:
"Некаде до месноста Старков гроб на Ниџе, стотици трупови, немаше време да се закопаат сите жртви на оваа кланица и рововите се полни. Телата останале во положба во која смртта ги изненадила. Мртви Срби и Бугари лежат едни покрај други, еден војник изгледа како со својата замрзната рака пред да загине од шрапнел, барал бомба во џебот од својот шинел. Еден сосема млад човек се гледа дека го бутнал на грб куршум кој го погодил среде чело. Насекаде околу нас страв и ужас".
Од Битола со возила дојдовме до Скочивир, последното село до цивилизација пред да почне дивината. Го разгледувавме селото кое оддаваше впечаток на убаво уредена населба. Во негова близина се наоѓа местото каде што Коњска Река се влева во Црна. Селаните се пожалија дека само уште во три куќи горат огништата, останатите се раселени некаде низ светот и по македонските градови. До центарот на селото патот е асфалтиран, натаму макадам. Одовде 31 километар нe дели од врвот каде пред 97 години се случил еден од најкрвавите пробиви на Солунскиот фронт. Зошто Кајмакчалан ги прашував планинарите, но и сам го барав одговорот. Триесетина планинари од Битола, Скопје и Прилеп тргнавме во поход да се совлада Ниџе. Оваа планина не е екстремно лоша за искачување, но не ни ритче на кое лесно може да се скокне. После неколку поминати километри ветерот почна посилно да дува, нема веќе шума. Пред нас распукаа ледини кои го исполнуваа погледот до бескрај. Дотука може и со џип, а до врвот има уште многу. Серпентини не многу стрмни го дочекуваат секој наш внимателен чекор. Одејќи размислував со каков пекол се соочиле пред речиси 100 години војските на Антантата и централните сили додека се распоредувале низ планината. Влечеле топови, опрема, а нагоре само џип може да вози, сe се носело на раце. Малку одмор на едно паднато старо дрво, ја прелистувам книгата на Рајс, читам:
"Кајмакчалан - борбата траеше три часа, метеж кој не може да се опише. Низ чад и магла се гледа како светкаат бајонетите и се слушаат експлозии од бомби. Во 11.30 бугарската војска го напушта Кајмакчалан и се движат во правец на Црна. Французите и Србите се радуваат на врвот каде ветрот ги удира облаците врескајќи. Орли и гаврани крстосуваат по воздухот, чувајќи стража околу боиштето и местото на очајот", запишал Рајс.
Зборовите ги доживувам во автентична атмосфера, си замислувам каде биле вкопани, како се движеле по теренот, стрмно е, а како тоа изгледало во јуриш? Загинатите војници после секоја битка биле закопувани во масовни гробници, бидејќи немало време за поединечни погреби. Сите закопани и коските кои се пронаоѓале по завршувањето на војната во 1921 година биле сместени во спомен-костурницата која е изградена веднаш до црквата "Св Петар".
Нога пред нога, голтка вода и залак домашен печен леб во фурна, го купив во Скочивир, ми даваше сила да издржам до целта. Се гледа црквата, крајот е близу. Групата е развлечена, едни гледаат растенија, други им се воодушевуваат на карпите во различни форми, сите го наоѓаа интересот во овој природен рај. Јас запнав со пеколот и од секоја дупка, грмушка, гледам бајонети како светкаат, чекаат да се судрат. Не ги распознавам Бугари, Германци, Срби, Французи, Македонци. Тажно, но вистинито, за време на Големата војна Македонците ги снашла судбината да се убиваат меѓу себе. Облечени во униформи на разни војски, скриени под српска капа, бугарски шлем или грчки шинел многупати за време на војната син против татко или брат против брат испукале куршум, удриле со бајонет. Секоја војска во нејзиниот дел од Македонија мобилизирала Македонци и ги пуштале во првите борбени редови да се колат во јуриш или да бидат топовско месо.
Црквата на врвот одовде убаво се гледа, а над неа виснале бели облаци како кајмак. Да, си реков, можеби затоа врвот го носи името Кајмакчалан, поради кајмак облаците кои не се движат, туку лебдат над цуцката и мислиш ако ги допреш ќе пукнат и од нив ќе се разлеат бели прамени кајмак по цела планина. Црквата почнала да се гради во 1917, а била завршена и осветена во 1921 година.
Единаесет часа се искачувавме до врвот. Напорот се исплатеше. Горе мир и тишина. Мислиш црквата "Св. Петар" лебди над облаците, а од дупката каде што се сместени коските на незнајните војници како да се раѓа страшен ветер и со најголема сила ја разнесува низ светот приказната за нивната тажна судбина. Црквата "Св. Петар" ја чува легендата за Рудолф Арчибалд Рајс. Пред неговата смрт во 1928 година посакал неговото срце да биде обвиткано во злато и сместено во посебна урна во црквата на Кајмакчалан. Така и се случило. Рајс не бил лекар, иако многупати медицински им помагал на ранетите војници. Бил професор, криминолог, но исто така, страстен фоторепортер и дописник за весници во неколку земји, известувал директно за настаните од фронтот. Многу години по завршувањето на Првата светска војна, безброј преживеани борци ја посетувале црквата, костурницата и урната со срцето на д-р Рајс. Мал отвор со железен капак, едвај влегувам. Скалите се мали и тешко се спуштам. Забрзано дишам, влегувам во масовна гробница, чудно чувство ме обзема кога едната нога ми беше на скалата, а другата го допре тлото на гробницата. Што има зад мене, си помислив, на што мириса, како ќе ги погледнам тие черепи и коски? Мрачна тишина ме обзема во просторијата од неколку квадратни метри. Ништо не гледам, ја вклучувам батериската ламба и полека ја вртам од лево кон десно.
Сенки од черепи и коски го исполнија погледот, мирно неподвижно ги гледам овие остатоци на непознатите, пред мене се појавија слики на ужас. Черепи, надлактици, бутни коски така фрлени. Си помислив имаат ли овие души мир вака незакопани еден век? Сигурно имале родители, роднини, сакани, некои имале и деца... Еден глас ме врати во реалноста: "Ајде колега, и ние да видиме што има внатре?" Излегов од дупката на ужасот. Погледнав во далечината од 2.520 метри, луѓе околу мене, се смеат, ги прераскажуваат случките и доживувањата од патот. Малото џебно издание од дневникот на Рајс сe уше го држев во раце. Се збогував со книгата и ја оставив на карпата каде направивме групна фотографија со пријателите, нека ја прочитаат и други си реков. Животот продолжува, ми олесна. Се почувствував како птица која може да ги допре околните планиски врвови и на белите кајмак облаци да ја напише приказната за Кајмакчалан која вечно ќе живее, зашто И ОВА Е МАКЕДОНИЈА...


ВЕСТ

0 comments:

Post a Comment

Коментар?