Saturday, June 2, 2012

Чуда, Преданија и Легенди за Св.Наум


На 3 јули во Свети Наум доаѓа народ од секаде и сите носат по нешто. Но и Свети Наум бил издашен. Порано пред празникот манастирски луѓе оделе во поблиските и подалечните места да го канат населението да дојде на панаѓур. Се канело со риби. Во секоја куќа и на секого што ќе го сретнеле се давало по една риба велејќи: „Повели да дојдиш на панаѓур“. За канењето манастирот трошел со стотици риби. А на денот од панаѓурот на дојдените им се давало и јадење. Секој земал од манастирското јадење за да добие благослов од Свети Наум. Марко Цепенков соопштува дека чојачко-абаџиските занаетчии од Прилеп, а според други сознанија и во Крушево, за свој патрон го имале Свети Наум. Нив манастирот Свети Наум во старо време ги канел со риба за на поклонение на празникот. Бидејќи во тоа време еснафот беше во расцвет, одеа на поклонение мајсторите со калфите дури и фамилијарно. Ако пак се случеше да не отидат, му се испраќаше парична помош на манастирот, пишува Марко Цепенков.


Меѓу селото Тушемишта и сегашната наша граница има една вода извор. (Се вика На јазма) Додека по Првата светска војна траеле расправиите за манастирот под кого ќе потпадне,  игуменот на Свети Наум кај војчето ставил натпис на наш јазик. Тоа било знак дека не само манастирот туку дотаму треба да биде наше. Попот од Тушемишта го избришал натписот. За таа постапка тушемишкиот поп бил убиен од емигранти од Албанија. За одмазда Албанците повеќепати правеле обиди да го убијат игуменот, поп Димитрија. Велеле: „Поп за поп“. Но во тоа не испеаја зашто го штител Свети Наум. По негова волја и Свети Наум за поп отишол во Дебарца.
Воловите, од кои еден изела мечка, биле близнаци, подарени на Св. Наум. Со овие волови се изорала првата бразда околу селото Љубаништа и околу другиот манастирски имот. Свеченото заорување со воловите близнаци било благословено од Свети Наум и затоа во атарот што бил опфатен со првата бразда никогаш не паѓа град.


На местото од денешните извори кај Свети Наум имало чешма. На една девојка, полнејќи вода на чешмата и паднал герданот од бисер. За тоа се сетила дури кога си отишла дома. Со трчање девојката се вратила кај чешмата, но не го нашла герданот. Почнала да плаче. Од нејзините солзи потекле големите извори со студена и бистра вода. Свети Наум направил бистрата вода од овие извори како што се влева во езерото така да излегува од него без да се меша со другата езерска вода. И навистина. Црн Дрим на истекот од езерото кај Струга е чист како неговите извори во Свети Наум.





Кога Свети наум го изградил манастирот на сегашното место, кај него доаѓал многу народ за помош. Не можејќи да превтаса, Свети Наум му се молел на Господа да му даде лек за сите болести. Господ ја послушал неговата молба. Под манастирот, во подножјето на големата карпа, се отворил извор и потекла лековита вода. Од ова вода се лекувале сите болести. Тој извор и до ден-денеска тече и кај него доаѓаат луѓе да бараат помош за своето здравје со пиење и миење од неговата вода. (Во извештајот за битолскиот пашалак на францускиот вицеконзул во Битола Белег де Буга од 1856 година  се вели дека на тоа подрачје имало околу 160 манастири. Од сите нив само манастирот Свети Наум, вели тој, успева да преживее подобро од другите и има голем углед во регионот, како поради својата восхитувачка местоположба на брегот од Охридското Езеро, така и поради гостопримството на кое се наидува таму. Манастирот Свети Наум според добиените податоци се уште прима рента од 80.000 пјастри. Многу болни христијани, па дури и муслимани доаѓаат тука да се излекуваат од водата на изворот кој се смета за благословен. Секое лето тука доаѓаат многубројни посетители за прошетки и тука се гледа вистинска полезност на овој манастир, како и другите.“)


 
До 1941 година во манастирот Свети Наум се печеше по два фурни леб на ден. Секогаш стоеше пред портата еден манастирски човек со вреќа леб. Тој на секого што ќе поминеше покрај манастирот му даваше по еден леб. Секој што минуваше тука, без разлика дали му требало или не земаше за здравје. Од тој леб, оној што ќе земеше кого ќе сретнеше патем и дома на сите луѓе им даваше по некој касај, онака како што се прави и денеска со „сваќата“ на свадбите. Тие што патуваа подалеку (во Албанија) или на други места го земаа лебот како еден вид документ пред разбојниците. Кога ќе бил нападнат на патот од качаци, ако патникот им го покажел лебот од Свети Наум, веднаш бил пуштан. И кога манастирот ќе пушташе свои калуѓери да просат, им даваа повеќе лебови (мали пешници) за да им даваат на гладните што ќе ги сретнат, а и за да не бидат напаѓани од качаци.


Свети Наум најголемиот дел од својот живот го поминал во манастирот на јужниот дел од Охридското Езеро кој сам го изградил. Освен по книжевната работа мегу народот бил познат и како исцелител и за време на својот живот излечил многу луѓе, особено душевно болни. Познат е и како чудотворец бидејки се зборува дека направил многу чуда, а некои од нив се претставени и на фреските од неговиот манастир како онаа на која е претставен како ја впрегнал мечката да го влече плугот наместо волот што го изела. Импресионираат  и другите сцени од животот и чудата на Свети Наум Охридски кои се насликани во втората зона од Наумовиот гробен параклис : "Вкочанување на монахот што се обидел да го украде телото на Свети Наум од неговиот гроб" "Лекување на нервно заболени" "Крадец на коњ кого зората го затече пред вратите на манастирската црква" и "Ведрото остава вдлабнатина во каменот".


Манастирскиот комплекс „Свети Наум“ низ вековите важел за мистично место каде голем број луѓе доаѓале да се помолат и да побараат лек за својата мака. И денес тука секојдневно доаѓаат намерници, не само од христијанската вера, да остават дар, курбан и да се поклонат на гробот на големиот светец кој се смета дека има чудотворна моќ. Ова култно место крие бројни тајни и интересни приказни кои се пренесуваат од колено на колено. Се смета за чудотворно  по делата на светецот, а посетителите ден денес раскажуваат за бројни  необични случки што ги доживуваат во Свети Наум. Една таква необична појава со својот мобилен телефон забележала туристка од Србија. На фотографијата се забележува силуета на светец со јасно видливи христијански детали како се отсликува во изворските води на Црн Дрим кај „Свети Наум“. Останува дилема дали се работи за феномен, некаква рефлексија или игра на сенки, но фотографијата секако делува мистично.






Меѓу композициите што го сочинуваат циклусот на животот и чудата на Свети Наум во гробната капела во најновите истажувања најголемо внимание привлекува композицијата „Успение на Свети Наум Охридски“. Опелото на Светителот се извршува пред насликаната архитектура на манастирскиот комплекс. Самата структура пак на композицијата е мошне блиска на прикажувањето на „Успението на Богородица“. Починатиот Свети Наум е положен на одар, а опелото го извршуваат словенските учители Методиј и Кирил, Климент и Горазд, кои се распоредени околу одарот. Меѓу насликаните фигури над одарот се појавува уште една фигура на млад ѓакон, без брада и мустаки, а со кадилница на десната рака. Тој инаку не е насликан во претставата на „Седумчислениците“ во припратата на Наумовата црква. Во втората зона на Наумовата гробна капела се развива циклусот на животот и чудата на Свети Наум Охридски, кој веке со споменатата композиција на „Успение на Свети Наум Охридски“ содржи вкупно десет сцени и претставува циклус со најголем број на теми илустрирани во зидното сликарство во Македонија посветени на Свети Наум. Почнувајки од северната страна споменатите сцени една по друга се насликани по следниот ред: “Впрегнување на мечката во јаремот“, „Вкочанување на монахот што се обидол да го открадне телото на Свети Наум од неговиот гроб“, „Лекување на нервно заболени“, „Крадецот на коњот кој зората ја затекнува пред вратите на манастирската црква, Царот Михаил го осудува Свети Наум, Свети Наум го водат во затвор“, „Крштевање на керката на царот“, „Казанот остава впечаток во каменот“ и „Свети Наум ги прогонува Богомилите“.Пет сцени од циклусот на животот на Свети Наум - “Впрегнување на мечката во јаремот“,„Вкочанување на монахот“,„Лекување на нерво заболени“,„Крадецот на коњот“ и „Ведрото остава впечаток во каменот“ – може да се каже дека се насликани според верувањата за чудата на Свети Наум што настанале и се пренесувале од генерација на генерација во кругот на манастирот и во соседните села и населби.
Најпопуларно е преданието за кротење на мечката од страна на Свети Наум, кое кај месното население се разкажува во повеќе варијанти. Наумовото чудо со мечката е прикажано на икони, фрески, а и во рељефи. Но, и она што паѓа во очи е фактот дека ликовните решенија не се поклопуваат, односно не се идентични со познатите варијанти на преданието за мечката и волкот. Имено, на фреските во манастирот Свети Наум ова чудо ликовно е обликувано како вол и мечка впрегнати влечат мала кола, со две тркала, какви што и денес се сретнуваат на падините кон Охридското и кон Преспанското Езеро, на планината Галичица. Колкаво големо значење му се преидавало на Наумовите чуда со мечката може да се потврди со изложениот музејски експонатво еден од конаците на манастирот на Свети Наум, каде се чувала пополната кожа на големата мечка.
 
 
Игуманот Гаврило, далечната 1662 година, во манастирскиот комплекс на Свети Наум, изградил болница за лекување на душевно заболените лица. Оваа болница се наоѓала до гробната капела на Свети Наум. Се верувало и денес се верува дека лековита моќ имал не само Свети Наум, туку по неговата смрт и неговиот гроб во манастирската црква. Во Турскиот период, во текот на голема селидба на Балканските православни народи во Унгарија, во Сетандреа и во другите крајбрежни населби на реката Дунав, биле пренесувани секавањата за чудотворната моќ на Свети Наум Охридски и биле пренесувани и обичаијте од родните краишта на Балканот. На прашање “Која Слава славите?“, денес од православните жители во Унгарија може да се добије и одговор: “Го славиме Свети Наум“.
 
Гробницата на СвЕТИ Наум е свртена на југ и е посебна градба со широка и ниска купола. Ѕидовите однадвор се од делкан камен, а куполите се градени исклучиво од тули. Западната фасада на денешната црква во горниот дел има форма на калкан кој завршува со запчест венец. Запчестиот венец продолжува на јужната, односно северната страна. Многу луѓе доаѓаат во манастирот да најдат лек за неротки во фамилијата. Палат свеќи и се молатврз гробот, многу луѓе ја ставаат главата врз гробот, потпрена врз раката, за да го чујат срцето на Свети Наум и за да си кажат во себе молитва за нешто што им е многу важно.
Кога починал Свети Наум, излегол пред Господа. Поради големото добротворство што го правел Свети Наум на земјата Господ го одредил да биде во вечен рај. Бидејќи во небесниот рај немало толку убаво место што да одговара за Свети Наум, Господ со рака покажал кон неговиот манастир велејќи му: „Она е твојот рај. Ти таму ќе бидеш засекогаш“. Ете зошто Свети Наум и сега е во неговиот манастир покрај Охридското езеро. На местото на денешниот манастир некогаш биле царски дворци кај што сега се наоѓа манастирот Свети Наум, тука некогаш биле царски дворци, а Свети Наум почнал малку подолу, над селото Tушемишта, помалку од еден час далеку, да гради црква и изградил веќе четири ѕида, тие и сега таму се познаваат. Царот кој живеел во тие дворци, имал болна ќерка која кој не ја лекувал, па најпосле го повикал Свети Наум и му ветил дека ќе му даде се што ќе посака, само ако му ја излекува ќерката. Свети Наум ја излекувал со молитви кон Бога, па не побарал ниту богатство ниту друг имот туку она место каде што се царските дворци. Царот како што рече, му го даде и тој тука го изградил својот манастир.
 
Кога Свети Наум го изградил манастирот на сегашното место кај него доаѓал многу народ за помош. Не можејќи да превтаса Свети Наум му се молел на Господа да му даде лек за сите болести. Господ ја послушал неговата молба. Под манастирот во подножјето на големата карпа се отворил извор и потекла лековита вода. Од оваа вода се лекувале сите болести. Тој извор и до ден денеска тече и кај него доаѓаат луѓе да бараат помош за своето здравје со пиење и миење од неговата вода. Свети Наум прво дошол кај изворот на јазма, кај Тушемишта. Ја благословил водата. Затоа порано, до втората светска војна, игуменот од манастирот Свети Наум пред празникот Свети Наум со котле земаше вода оттука за светење, во која таму се дотураше за потребите на посетителите со соодветен ритуал. Изворот на јазма е култно место. До 1967 година кај него доаѓаа луѓето од поширокото подрачје (Тушемишта, Поградец, Старова и др.) за здравје, и тоа преку цела година, а особено на празникот. А и потоа доаѓаа ѓоа фаќаат риби или со друг изговор. И сега се оди кај овој чудотворен Светинаумов извор на јазма.


Дека припадници на други вери го почитувале светителот и манастирот се зборува и во Летописот на манастирот каде што се вели: „Оваа света институција стекна голем углед и чест и кај друговерци, а особено кај Отоманите Бекташи, кои не се знае од какви причини, ова светилиште го викаат „Сари Салтик баба“ што преведено од турски значело жолтобрадиот татко. Според едно предание еднаш кога дошле на гробот на Свети Наум неколку Турци замолиле некој од поупатените да им ги објасни ликовите од фреските. Кога тој што им ги објаснувал рекол: „Овој е Свети Наум“, тие радосно извикале: „А тој е нашиот татко.“ Интересен бил и начинот на кој се молеле Бекташите. Тие кога ќе дојделе во манастирот чевлите ги оставале пред манастирската капија и до црквата се доближувале со метании. На враќање излегувале наназад секогаш свртени со лицето кон црквата и пак со метании.

Еѓупците Зизовци од Ресен на манастирот му поклониле камбана. Мерија се молел на Свети Наум да отиде во Америка, ветувајќи дека на манастирот ќе му подари камбана. Откако навистина заминал и таму работата убаво му тргнала, испратил чек со кој во Битола била купена камбаната и била однесена во манастирот, а овде била пречекана лично од владиката и свештениците. Камбани на манастирот подариле и Умер Зизо од Ресен кој работел во Америка, и Џемаил Зизо, исто така од Ресен, кој тоа го направил затоа што Свети Наум го оздравел неговиот брат Сулејман Зизо. Интересен бил и начинот на кој се молеле Еѓупците. Тие уште од вратата се поклонувале, застанувале до гробот на светителот и му се обраќале со одбрани зборови, како: „Свети Науме, докторе златен, спасителу наш.“ Тие и кога излегувале од црквата излегувале наназад се до излезот.

Некој бег од Албанија дошол во манастирот Свети Наум. Со калуѓерот отседнале во најубавата одаја од зградата на карпата над езерото. Јал и пил бегот и почнал да се препира со калуѓерот за тоа дали има или нема господ, живи се, не се светците и слично.- Со што ќе докажеш оти има господ и дека тие ваши светци се живи и оти прават чуда? - му рекол бегот на калуѓерот.
- Грнево со вино што е пред нас ќе го пуштам одовде од оваа височина в езеро. Ако се истури виното, манастиров е твој, а ако не се истури, твојот чифлик да е манастирски! - му предложил калуѓерот.
- Важи! - се согласил бегот и му подал рака на калуѓерот. Калуѓерот го пуштил грнето со вино од прозорецот. Долу го пречекал Свети Наум и го застанал на езерската вода право простум. Бегот достојал на зборот. Својот чифлик му го отстапил на манастирот Свети Наум.Вечерта на калуѓерот на сон му се јавил Свети Наум и му рекол:
- Јас бев многу далеку кога се кладеше со бегот. Одвај го чув разговорот и долетав. Ако не чуев ќе ме дадеше на турчин, уште еднаш да не се кладиш!.
 

Во Тушемишта, се вели дека Света Марена му била сестра на Свети Наум. Таа е позната по своите чудотворства. Црквата Света Марена се наоѓа во л’нга на планината мокра, кај неа се наоѓа убава пештера, во која има прекрасни сталактити и сталагмити. Камењата откај Света Марена се многу лековити. Нив луѓето ги чуваат во своите домови, ги носат со себе, а најмногу се познати за заштитување на малите деца од урокливи очи (од зарек). Се става каменот во вода и со таа вода се измива детето. Братот Свети Наум и сестрата Света Марена на спротивните планини изградиле свои храмови наспроти еден кон друг за постојано да се гледаат. Правилното име на великомаченицата Марена е Марина. Таа е од антиохија. По свирепо мачење на 15 или 16 годишна возраст била обезглавена за христа околу 270 г. Се слави на 30/17 јули. Во народот е позната како огнена Марија зашто била господарка на огнот и заштитничка на посевите од пожари и од поројни дождови.
Прво чудо Интересен е случајот со авионот кој се урнал и изјавите во медиумите и весниците на стјуардот кој изјавил дека бил спасен од св. Наум. Еден ден пред уривањето на авионот, тој купил икона од св. Наум и бил цврсто убеден дека неговиот живот го спасил св. Наум.Второ чудо Двајца лекари, сопружници долги години немале дете. Доаѓале неколку пати во манастирот со молитва кон светителот за родителство. По две години добиле ќерка. Биле црвсто уверени дека нивното чедо е дар од св. Наум.
Трето чудо Од Трпејца доаѓале некои луѓе за молитва. Единаесет-дванаесет години биле без свое чедо и минатата година на денот на св. Наум го крстеле детето. Биле убедени дека нивната молитва пред св. Наум помогнала за нивното чедо.
Четврто чудо Некој човек, Германец долги години имал протеза на вратот. Но, влегувајќи во манастирот, слушнал глас „извади го тоа помагало". Ја извадил протезата и му се олеснило. Повеќе не ја користел протезата. Постоле сведоци за ова чудо.
Петто чудо Во манастирот донеле момче на 17-годишна возраст од муслиманска вероисповест кој страдал од епилепсија. Му бил прочитан педесеттиот псалм и молитва. Игуменот Некатариј се интерисирал преку негови роднини за неговата болест. Му рекле дека нема епилептични напади.
Шесто чудо Манастирот го посетиле група Бугари. Една жена од нив украла мало паунче. Кога требало да си заминат автобусот се расипал. Но, некој ја видел кога го украла паунчето, ја укорил да го го врати украденото паунче. Од црква и манастир не се крадело. Таа се засрамила и го вратила паунчето. Тогаш автобусот тргнал.
Седмо чудо Св. Наум направил многу чудеса. И денес се уште се случуваат многу чуда. Дошле посетители од Охрид, но недолично се однесувале на свето место и на враќање сите се удавиле. Се превртел чунот во езерото

0 comments:

Post a Comment

Коментар?