Sunday, October 7, 2012

Случувањата на KillerBee

Одовде надоврзувам продолжение на претходниот мој големичок пост, само пред тоа да напоменам нешто - луѓе, им завидувам на верниците, на оние кои го имаат Господ, на оние кои верата им дава сигурност дека се ќе биде во ред и Господ ќе ги спаси. Јас тоа го немам. Сум го изгубила (или никогаш не ни сум го имала). Блазеси им на верниците што имаат надеж. Ние безбожниците имаме само сомнежи :D
Не знам дали е нормално или паранормално искуствово ама сепак ќе го споделам... Многу сонувам и си ги запишувам соновите. Убаво знам кога сонот е реакција на дневните активности и дразби, а кога не е. Пред 4-5 години сонував како влегувам во темен стан. Ролетни спуштени, онакви жолто-кафени со дупчиња. Од вратата право гледам празна соба, со оштетен паркет, Лево од неа уште една соба, потесна со тераса, а паралелно со влезната врата најголемата соба, широка и со еден куп парна т.е. радијатори и цевки во неа. Сонот беше најобичен, мирен и безвучен. Само слики и тишина. Сабајлето на моите им викам - еден чуден сон сонував... И им го раскажувам.
Моите се стаписаа. Почнаа нешто да пресметуваат години, и велат "не е можно, нема теорија да се сеќава...". И ми кажуваат дека кога сум имала 3 -4 месеци сме живееле во тој стан под кирија и дека кога се вселувале немало во него парно и морале да наместат. По 3 месеци сме отишле во друг стан оти газдата не сакал да им ги одбие кириите за наместеното парно и се тужеле.

Исто така, кога почина дедо ми (мојот идол и најдобар другар :D) . Имав 16 години. Во Велес, во станот на баба ми и дедо ми стигнавме за погребот, па нормално, моравме тука и да останеме неколку дена за баба ми да не биде сама, а бевме 7 души. Јас од дете, секогаш спиев до дедо ми - тој на тросед, јас на двосед, или пак на полски креветчиња - ќе ги ставевме на балкон и ќе глумевме дека сме во природа, па врзувавме сукала со јаже ѓомити риби ловиме и сл (дедм многу страастен риболовец беше). Ноќта нормално, некој мораше да спие на полско и јас се согласив. Бидејќи беше февруари не можев да спијам на балкон.
За чудо мирно заспав, после сите трауми тој ден. Едно време се разбудив, ама мирно - како само да ги отворив очите. И слушам чекори - едно специфично шушкање кое го правеше само дедо ми. Сите го караа дека постојано е бос и петите му се како сосијат (хартија за брусење), ап кога се движеше толку чкрипеше по тепихот со петите, што сите викаа по него.
Станав. Бев невообичаено мирна, спокојна и без грам страв. Почнав да ги следам чекорите и стасав до балконот. Преку стаклото погледнав на оградатаа на балконот и гледам стапче потпрено на неа. На стапчето манила конец. Се насмевнав како во бунило и си легнав да спијам пак. Не ми беше воопшто страв. И после се, би помислила дека имам сонувано, но цаката која ја прави ситуацијата тоа што е, е дека стапчето сабајле го видоа сите. И прашаа од каде дојде. Никој не знаеше.
--- надополнето: 24 јуни 2012 во 17:03 ---
Од друга страна пак, кога умре татко ми јас не можев со недели да спијам нормално. Секој ден по нешто се случуваше, но највпечатливо нешто беше водата во и околу куќата. Цевки пукаа, чешмите де гргаат, де не течат, канализацијата се затна 10 пати во еден месец. Олуците испукаа, од ходникот почна да лее вода во млазови (од таванот по ѕидовите). Значи водата се на се, не мрдна. Секој ден само проблеми. Освен тоа, откако татко ми умре се исуши СЕ што имаме дома од растение. Дури и бамбусот на мајка ми што стоеше во желе во вазна скапа. Ниту една тревка не остана. Мајка ми се фрли, освен едно дрво на животот кој му го даде на братучед ми и снаа ми ( по 40 дена) Дрвото го видов кај нив по некој месец, беше зелено, здраво и претерано високо, па го врзувале по шипки по ѕид. А кај нас... Расадникот и лозјето кога ги видовме, беа скапани и болни. Оттогаш ништо не порасна, кивите што татко ми со таква радост си ги посади - умреа.
Дури сега, по 2 години неполни, купивме по некоја саксија за да не биде пуст дворот. Белки нема да се исушат и тие...

П.С. Сте имале ли досега сознанија за тоа дека во куќата каде што умрел некој а не му било време секогаш биднуваат проблеми со вода?

0 comments:

Post a Comment

Коментар?