Monday, July 25, 2011

Смрта на Пере Тошев (Додадена Биографија)

Биографијата на оваа знаменита личност од македонската историја е куса, но со многу светлина и дејанија за паметење: револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и раководител на Македонската револуционерна организација, подоцна со своите принципи близок на Народната федеративна партија. Учител, војвода, учесник во Илинденското востание. Бил еден од најблиските соработници на Ѓорче Петров и Гоце Делчев.
Пере Тошев- Лефтер е роден во 1865. година во Прилеп, а бил убиен на 4. мај 1912. година во с. Фари- Тиквешко. Се школувал во родниот град, потоа во Битола, Солун и Пловдив. Работел како учител во Прилеп (1892- 1901), потоа во Скопје, Битола и во Солун. Во Солунскиот округ бил иучилиштен инспектор.
Околу 1889. година тој му пишал писмо на Ѓорче Петров со предлог заедно да формираат организација за ослободување. Подоцна како професор во битолската гимназија го формирал првиот револуционерен округ во кој најблизок соработник и другар му бил Петров.
Од 1894. година бил член на Македонската револуционерна организација (МРО), а член на ЦК на ТМОРО станал од 1898. година.
По Солунската афера, која се случила во 1901., Тошев заедно со целиот состав на ЦК бил уапсен, осуден и заточен во Бодрум-Кале, Мала Азија. Следната година (1902.) бил амнестиран, се вратил во Солун, оттаму ов Битола и Прилеп, каде што живеел полулегално.
Иако не се согласувал со решението за недоволно подготвеното востание, Тошев зел активно учество во Илинденското востание. Дејствувал во прилепскиот крај, кај Мариово. Потоа присуствувал на Прилепскиот конгрес (1904), при што дошол до израз неговиот бунтовнички дух. На неговите ставови за пропагандите од соседните држави не можел да му се спротивстави ниту влијателниот Даме Груев.
На Рилскиот конгрес (1905) поднесол Правилник за работата на ТМОРО, застанал на страната на реформското крило на Организацијата и бил повторно избран за член на Централниот комитет.
Потоа заедно со Јане Сандански учествувал во работата на Серскиот конгрес (1906.), а по убиствата на Борис Сарафов и Иван Гарванов во 1907. година бил прогонуван од страна на бугарската полиција во Софија.
По Младотурската револуција станал егзархиски училиштен инспектор во Солунскиот округ (1910-1911). Пред Првата балканска војна се разболел, па скришно се лекувал во Софија, но по закрепнувањето решил да се врати во Македонија.
На пат за Прилеп, на 4. мај 1912. година, бил предаден и следен од аскерот,  попаднал во турска заседа и бил убиен во Дреновската клисура.
Пере Тошев е погребан во дворот на црквата во с. Фари, Тиквешко.
Датумот на неговата смрт се совпаѓа со датумот на убиството на еден од најголемите македонски револуционери- Гоце Делчев.

0 comments:

Post a Comment

Коментар?