Tuesday, May 10, 2011

Каде е закопан Ѓорѓи Карев?


Братот на Никола Карев, Ѓорги, по Втората светска војна е осуден и затворен во Идризово, од каде што никогаш не излегол. Така семејството Кареви се соочило со една необјаснива игра на судбината: цел живот се бореле за македонската државност, но токму таа Македонија го ликвидирала братот на претседателот на Крушевската Република. Каде се закопани коските на Ѓорги е мистерија што до денешен ден не е решена.


Има повеќе теории, еве неколку


Плиток гроб

Еден затвореник, Албанец, Емин Роши, многу години подоцна му кажувал дека Ѓорги бил погребен набрзина во некакви тајни затворски гробишта, но гробот бил плиток, па му се гледале рацете и нозете над земјата. Некој од надзорниците им наредил на двајца затвореници да му ги искршат рацете и нозете за да пропаднат под земјата, да се покријат.

karevИнаку, Ѓорги, како шеснаесетгодишно момче учествувал во Илинденското востание во борбата кај месноста Слива, а постариот брат на Никола, Петруш, бил член на Штабот на крушевските востаници. Со тоа, Ѓорги бил учесник и сведок на битката што за многумина е поепска, но и посурова и од таа на Мечкин Камен, а Петруш, меѓу другото, бил сведок и на последната расправа помеѓу Никола Карев и Питу Гули, пред вториот да тргне кон својата последна битка. Семејството Кареви во борбите за ослободување на Македонија има дадено седум жртви, војводи и обични борци. И покрај тоа, чудната омраза кон Кареви, според Мише, траела со години, па затоа дури и коските на Никола Карев завршија поттурнати под скалите на споменикот „Македониум“ на Гумења.

Кога по војната во Крушево се славело Илинденското востание и Крушевската Република, централната власт, а пред сé локалните послушници, речиси редовно се погрижувале семејството Кареви да биде понастрана од прославата, особено од главната бина. Според сеќавањата на Мише, на првата прослава на Илинден по ослободувањето, постариот брат на Никола Карев, Петруш, бил поканет на свеченоста.


Песочно островче

„Дојдоа некои луѓе и го поканија да отиде на прославата. Го викнаа дури и да се качи на бината. Таму беа сите тогашни врвни раководители. Меѓутоа, кога некој од нив забележал дека на бината е и Петруш, братот на Никола Карев, веднаш наредил да го симнат долу. И го симнаа среде прослава. Кога заврши прославата, повторно преку посредници беше поканет да оди на свечен ручек. Ми кажа дека го канат, а јас му реков да не оди, оти повторно ќе си играат со него, ќе го омаловажуваат и потценуваат. Тој се согласи со мене, но по извесно време повторно дојдоа гласниците, и чичко Петруш мораше да тргне со нив. Само што стигнал, ја кренал чашата за да наздрави, некој од политичарите наредил да го отстранат од масата. Чичко ми си дојде посрамен и со солзи во очите. И никогаш веќе не отиде на прослава на Илинденското востание“, сведочеше Мише Карев, кој, како што стои во неговото полициско досие, уште од 1951 година бил следен од ОЗНА односно УДБА, а подоцна одлежал и 18 месеци затвор за идејата за самостојна и независна Македонија.

Најстариот брат на претседателот на Крушевската Република, Петруш Карев, успеал да ги надживее двајцата свои браќа и покрај сите малтретирања и голготи што ги поминал во животот. Умрел во 1968 година. Според внукот Мише Карев, старецот си заминал од овој свет со голема болка во душата поради недостоинствениот и понижувачки однос на македонската власт кон брат му Никола, но и поради судбината на Ѓорги, кој беше убиен од властите на македонската држава, за која целото семејство со децении се борело.

Некои тврдења упатуваат на тоа дека во времето кога Ѓорги е ликвидиран, на средината на реката Вардар која минува близу затворот Идризово, се наоѓал мал песочен остров и дека е можно таму да биле закопани убиените затвореници за кои властите сакале да им се изгуби трагот. Подоцна реката го однела малото островче и со тоа оневозможила да се открие дали, меѓу другите, таму се и коските на Ѓорги Карев.


Го видов Ѓорги како градинар кај Колишевски

petarОсумдесет и осумгодишниот Петар Дамчески од Прилеп, пензиониран полициски командир, со кого лани, по 106 години од востанието, се обидовме да откриеме каде лежат некои од загинатите борци на Мечкин Камен, во годините по Втората светска војна извесно време бил дел од обезбедувањето на вилата во која се наоѓал Лазар Колишевски. Тој тврди дека таму го сретнал братот на Никола Карев, Ѓорги, кој како затвореник бил доведен да работи во градината.

Дамчевски, роден крушевчанец, веднаш го препознал Ѓорги, но не смеел да му се јави. По неколку дена дознал дека Ѓорги Карев починал во затворот во Идризово.

Сликата на братот на Никола Карев како во затвореничка облека ги полева цвеќињата во дворот на Колишевски засекогаш му се врежала во сеќавањето.

0 comments:

Post a Comment

Коментар?