Tuesday, May 10, 2011

Мистеријата за гробот 170


Скопје изобилува со низа мистерии. Во недостаток на историски пишани документи или артефакти, разните преданиа за познати личности, настани или необични случки, прераснаа во урбани легенди. Една од нив е тајната која е поврзана со местото во скопската чаршија каде се наоѓа гробот на освојувачот на Скопје Меддах – баба, а каде до неодамна имало извори на лековита и света вода.
За ова место се поврзуваат и Игат паша и Гази Евренос.
Но она што го привлекува нашето внимание е легендата во која се раскажува дека на ова место е погребан Џалинос, арапски превод на прочуениот лекар Гален (Галениус). Иако официјалната историја смета дека Гален починал во Рим, некои податоци кои историјата ги забележала говорат дека овој прочуен светски лекар засекогаш исчезнал токму на патот помеѓу Рим и Цариград.
Официјалните биографски податоци за Гален (Aelius Galenus или Claudius Galenus) ни откриваат дека е роден во 129 година од н.е. во Пергам, деннешна Турција, а умрел во          199 / 217 година од нашата ера. Како син на богат патрициј, архитект и градител Aelius Nicon, Гален се здобил со сеопфатно образование од областа на анатомијата, физиологијата, патологијата, фармакологија, неврологија, филозофија и логика, што во понатамошниот живот ќе му овозможат успешна кариера на лекар, хирург и филозоф. Образованието го стекнал во Пергам, Смирна, Коринт и Александрија. По неговото враќање во родниот град станал главен доктор на гладијаторите во 157 година од н.е. За Рим заминал во 162 година и останал до 166 година кога се вратил во Пергам. По три години повторно се вратил во главниот град на Римската империја каде што останал да живее до крајот на својот живот. Подоцна во Рим се спријателил со императорот Марко Аврелиј.
Помеѓу клучните придонеси за медицината се и откритија на Гален поврзани со кардиоваскуларниот систем. Тој е првиот кој забележал дека има разлика во боите на Венската и крвниот крв. Гален бил брилијантен хирург и правел многу операции на живи луѓе. Како познат лекар работел кај истакнати членови на римското општество а крајот станал и личен лекар на неколку римски цареви. Напишал околу 300 дела од кои 150 останале. Како што биле преведувани, неговото влијание се ширело во Византиската империја, Арабија и потоа низ Западна Европа.
Податоците кои говорат за годината и местото на смрта на Гален се различни. Според верзијата од лексиконот Суда, Гален починал на возраст од 70 години, па затоа за година на смрта се зема 199 г. од н.е., но според арапските извори Гален живеел 87 години и тие за година на смрта ја земаат 217 г. од н.е.. Еден дел од западните автори се согласуваат со арапската теорија дека Гален подолго живеел, но 216 ја земаат за година на неговата смрт.
Различните податоци кои се сретнуваат во историјата најчесто се резултат на погрешното или тенденциозно препишување и преведување на оргиналните текстови од латински на грчки јазик во времето на Византиската империја, најчесто со децении или векови покасно од настанот. Сето тоа допринело денес да имаме искривена слика за многу настани кои се случиле во историјата.
Од овие причини, легендата дека Џалинос (Гален) можеби починал и е погребан во Скопје, не треба туку така едноставно да се отфрли, ниту пак да се земе здраво за готово. Дека постои  таква можност ни говорат и истражувањата на професорот Иван Микулчиќ кои ги објавува во публикацијата „Старо Скопје со околните тврдини“ објавена во 1982 година. Микулчиќ правејќи историски осврт на развојот на градот Скупи, ќе ја отвори и „мистеријата на гробот 170“.
Во делот каде професорот Микулчиќ ги опишува некрополите и погребните наоди тој ќе запише: „Во гробот 170 бил закопан еден учен лекар, со своите хируршки инструменти и лекови во метални кутии. Тајните ги понел со себе на оној свет. Ова е засега трет ваков случај во цела Европа. Скупскиот хирург умрел во II половина од II век и несомнено бил ученик на големиот Гален, татко на модерната хирургија и медицина. Покрај гробот на хирургот, во мал мермерен саркофаг заштитен со три слоја капаци, најдовме скелет од мало девојче, дарувано со многу сребро, со златен накит и 75 златни ламини и апликации. Левата потколеница му недостигаше. Можеби се работи за безуспешен обид на таткото хирург, со ампутација да го спаси? Крај саркофагот на девојчето истовремено било закопано мало робинче, без дарови, стуткано како куче во обична дупка и покриено со искршени ќерамиди.“
Од заклучокот на професорот Микулчиќ може да се види дека времето во кое е извршено погребувањето во гробот 170, втората половина од II век, приближно се поклопува со времето на смртта на Гален (199 – 217). Меѓутоа професорот Микулчиќ во недостаток на конкретни докази само претпоставува дека хирушките инструменти и лекови му припаѓаат на ученик на Гален и дека тој е татко на малото девојче со ампутирана нога погребано до него. Сепак тоа не ја исклучува можноста дека во гробот 170 можеби е погребан самиот татко на модерната хирургија, Гален.
Дозволувајќи си да ги поврземе наодите во некрополата во Скупи со легендата за Џалинос, не наведува на една друга претпоставка за можниот развој на настаните во тоа време. „На поминување низ Скупи, познатиот хирург бил замолен од некој висок преставник на локалната цивилна или воена власт да ја излекува неговата ќерка, која била негувана во близина на тврдината на скопско „Кале“, денешната Чаршија, на местото каде постоела лековита и света вода. Неуспешниот обид на хирургот да го спаси животот на девојчето, го платил со сопствениот живот. Бил закопан покрај девојчето како што било закопано и малото робинче“.
Во недостаток на пишани или други материјални докази, ваквите реконструкции на настани од историјата, остануваат само на претпоставки, а неразјаснетата мистерија на гробот 170 и легендата на Џалинос (Гален) како урбани легенди уште долго време ќе го привлекуваат вниманието на јавноста.

0 comments:

Post a Comment

Коментар?