Tuesday, May 10, 2011

Учителот од Броди

Андреј Хрлев имал зет Турчин, а пролетта 1903 година веќе бил разочаран од македонското ослободително движење. Тој навистина би можел да биде предавникот, но симптоматично е што бил поштеден од одмаздата на Организацијата, која наместо него убила десетина селани од Баница и од Броди, сметајќи ги за виновници за смртта на Делчев. Меѓу ликвидираните е и Ѓорѓи Агов од с. Старчишта, Неврокопско. Обвинението е дека тој бил облечен во турски алишта и ја водел потерата кон Баница. Во декември истата година, во речиси изгореното село Баница, Марин Георгакиев е исечен на парчиња токму на местото каде што е убиен Гоце, а Коста Маџаров, Ѓорѓи Орешков и Коста Петров се заклани врз гробот на Гоце. Неколку ликвидации извршил и војводата Таската Серски, а од страна на четата на Илија Тешовалијата биле убиени и таткото Апостолов од селото Баница, неговите двајца синови и едната снаа. Како учесници во други предавства биле ликвидирани и Георги Дурата, Михаил Каптовали и Атанас Костов. 

Триесетина години подоцна, Андреј Хрлев, за кого уште во тоа време по весниците се пишувало дека го предал Делчев, напишал текст во кој тврди дека предавството е извршено од двајца врховисти во врвот на Организацијата во Солун. Меѓутоа, ниту тој ниту кој било друг наведува поконкретни податоци за тоа кои би можеле да бидат тие двајца предавници. Интересно е, меѓутоа, што во една турска шифрирана телеграма поврзана со убиството на Делчев стои дека даскалот од Броди, Андреја Ѓорѓи Хрлев, на 16 мај 1903 година примил „бомби донесени од Неврокопско и ги внел во црквата“. Значи, власта знае дека скрил бомби. Зошто тогаш не го уапсила, кога за такви работи се одело дури и во Дијарбакир? 

Следната линија на предавството ја загатнува Ѓорче Петров, кој, повикувајќи се на разговор со сестрата на Делчев, Руша, во своите спомени вели дека војводата бил откриен уште во Солун. Гоце во Солун пристигнал на Велигден 1903 година, за да се сретне со Даме Груев и да расчистат за различните ставови околу самото востание. Двајцата останале три дена затворени во соба во солунската гимназија и што разговарале таму никогаш не е разјаснето. 

0 comments:

Post a Comment

Коментар?